Скопје, 6 мај 2026 – Македонската асоцијација на корпоративни правни (МАКП) во соработка со ДДК Адвокатско друштво, одржа стручна конференција посветена на навремено и сигурно управување со побарувањата. Настанот ги обедини претставниците на бизнис-заедницата и правните професионалци, кои преку панел-дискусии и размена на искуства ја нагласија важноста на ефикасната наплата како предуслов за финансиска стабилност и корпоративен раст.
Од МАКП нагласија дека управувањето со побарувањата претставува клучен сегмент од финансиската стабилност на компаниите, особено во услови на динамично деловно опкружување, со акцент дека корпоративните правници имаат сè поактивна улога во превенцијата на ризици, преку навремено структурирање на договорните односи и примена на соодветни правни механизми за заштита.
Дополнително, беше потенцирано дека континуираната едукација и размената на практични искуства меѓу правните професионалци и бизнис-заедницата придонесуваат за поефикасно справување со предизвиците поврзани со наплатата на побарувањата, како и за унапредување на корпоративното управување во целина.
-Имавме прилика да разговараме за клучни прашања поврзани со значењето на навремената и ефикасна заштита на побарувањата за секоја компанија. Неминовно побарувањата, односно нивната навремена и сигурна наплата се клучниот интерес и уневерзален фокус на секое трговско друштво, тоа не е само правно прашање, туку преставува бизнис стратегија од која зависи можноста за раст и егзистирање на компаниите – посочија од ДДК.
Преку две панел-дискусии беа разгледани конвенционалните и неконвенционалните инструменти за обезбедување, нивните предности, ризици и практичната примена во деловното работење.
Настанот потврди дека успешното управување со побарувањата е директно поврзано со поголема сигурност, побрза наплата и подобра ликвидност, а со тоа и со постабилна финансиска позиција на компаниите. Ваквите настани се додадена вредност за развојот на правната професија, но даваат и можност за отворање нови перспективи за поефикасни решенија во пракса и иницијативи за промена на постоечката правна норма – нагласија од ДДК.


