ВАЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ПРАВНИЦИТЕ И КОМПАНИИТЕ КОИ РАБОТАТ ВО ОБЛАСТА НА СНАБДУВАЊЕ НА ЗЕМЈОДЕЛСКИ И ПРЕХРАНБЕНИ ПРОИЗВОДИ

По неколкумесечна интензивна работа, Работната група за примена на Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи при Македонската асоцијација на корпоративни правници (МАКП), во тесна соработка со Министерството за економија и труд на Република Северна Македонија и Комисијата за заштита на конкуренцијата, успешно го заврши процесот на подготовка на Листа на прашања и дилеми поврзани со имплементација на Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи, a со цел добивање и објавување одговори по однос на истите.

Станува збор за документ што има значајна практична вредност. Нуди јасни насоки за примената на Законот и дава одговори на најчестите прашања и дилеми со кои се соочуваат компаниите и нивните правни служби.

Ваквите практични појаснувања претставуваат важен чекор кон поголема правна сигурност, подеднаква примена на прописите и полесно усогласување на деловното работење со законските обврски.
Оваа иницијатива е потврдa дека кога стручната јавност и институциите работат заедно, резултатите не изостануваат, што секако е корисно за двете страни.

Комбинацијата на практичното искуство и знаење на корпоративните правници и институционалната експертиза придонесува за поквалитетни решенија, поголема предвидливост во примената на прописите и развој на здрава конкуренција, во интерес на компаниите, но и за заштитата на потрошувачите.

Веруваме дека ова е добар пример на соработка кој треба да биде поттик за отворање нови иницијативи и заедничко адресирање на предизвиците и во други области на корпоративното право.

Искрена благодарност до сите членови на Работната група за примена на Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи при МАКП за нивната посветеност, професионалност и вложен труд, како и до претставниците на Министерството за економија и труд на Република Северна Македонија и Комисијата за заштита на конкуренцијата, за отвореноста, соработката и значајниот придонес во подготовката на овој документ.

Листата на прашања и одговори е достапна на веб-страницата на Министерството за економија и труд на Република Северна Македонија, на следниот линк https://shorturl.at/Npm1u.

Преку конструктивен дијалог, аргументирани предлози и споделување на експертизата на своите членови, МАКП ќе продолжи да придонесува кон креирањето на предвидлива и применлива регулаторна рамка.