Кога деловните партнери влегуваат во комерцијални договори ретко си ги поставуваат прашањата: Што ако договорот тргне во погрешна насока? Кој ќе го решава спорот? Како ќе се води постапката? Што доколку другата страна не ја почитува донесената одлука? За време на преговорите, кога деловните односи се засновани на доверба, овие прашања остануваат во втор план. Ние одлучивме да ги актуализираме и да ги ставиме во фокусот на конференцијата посветена на арбитражата, која се одржа во Скопје, на 29 октомври 2026 година.
Целта ни беше во присуство на правни експерти и практичари, пред се корпоративни правници да размениме искуства за актуелните состојби и иднината на арбитражното решавање на споровите. Крајната цел ни е оваа тема да ја доближиме до компаниите во нашата држава имајќи предвид дека арбитражата не е само механизам за решавање на спорови кога тие веќе ќе настанат, туку таа е и важен дел од стратешкото планирање на деловните односи, кој може да придонесе за поголема правна сигурност и предвидливост во комерцијалните договори.
- Сè започнува со арбитражната клаузула
Кога се преговара за склучување договор, вниманието најчесто е насочено кон цената, роковите и комерцијалните услови. Арбитражната клаузула? Таа понекогаш останува на крајот од списокот на приоритети. Сè додека не настане спор.
Арбитражната клаузула не треба да биде само формалност во договорот. Таа треба да биде внимателно составена, бидејќи добро составената клаузула може да спречи непотребни одложувања, дополнителни трошоци и неизвесност доколку деловниот однос се соочи со спор.
Препораката на практичарите е јасна: нема простор за експериментирање при договарање на арбитражната клаузула – да се користи модел клаузулата од институцијата која страните ќе ја изберат за надлежна за решавање на нивниот спор. Стандардната клаузула на институцијата обезбедува правна сигурност, јасност и усогласеност со нејзините арбитражни правила, а со тоа се намалува ризикот од неполноважни, т.н. патолошки арбитражни клаузули.
- Кој го одлучува по арбитражниот спор?
Една од особеностите на арбитражата е можноста страните да учествуваат во изборот на арбитрите. Но што е поважно – правното знаење, искуството во конкретната индустрија или способноста да се разбере сложен спор и ефикасно да се управува со постапката?
Успешноста на арбитражата зависи од успешноста на арбитрите. Покрај стручноста и искуството, арбитрите треба да поседуваат и низа важни вештини, како што се аналитичко размислување, способност за објективна и непристрасна процена на доказите, менаџирање со сложени постапки и донесување јасни, образложени и правно издржани одлуки.
Меѓутоа експертите испратија јасна порака: правото на страните да избираат арбитер не подразбира и право да го предодредуваат исходот на арбитражната постапка. Изборот на арбитер е израз на автономијата на страните, но неговиот интегритет и непристрасност, остануваат клучни за легитимно и правично арбитражно одлучување.
- Застапување во арбитражни постапки
Иако застапувањето во арбитража има многу сличности со судското застапување, постојат и значајни разлики. Начинот на пишување поднесоци, презентирањето докази и водењето усна расправа бараат соодветен пристап и добра стратегија.
Застапувањето во арбитража, за разлика од судската постапка, бара поголема флексибилност и приспособување на стратегијата кон конкретниот спор, избраните арбитражни правила и составот на арбитражниот трибунал. Кај меѓународната арбитража, дополнителен предизвик е познавањето на различни правни системи, странското меродавно право и специфичностите на меѓународната деловна комуникација.
Развој на вештачката интелигенција неминовно се одразува на правното застапување и подготовката на стратегија. Сепак, критичкото расудување, професионалната одговорност, личните вештини остануваат незаменливи во доменот на застапувањето во арбитражна постапка.
- Кога правната стратегија мора да има смисла и за бизнисот
Успешната арбитража не зависи само од тоа кој има подобри правни аргументи. Важно е и дали избраната стратегија одговара на реалните потреби на клиентот на кој не секогаш му е важно само да победи во спорот туку и колку време ќе изгуби, колку енергија и ресурси ќе потроши и каков ќе биде односот со другата страна по завршување на постапката.
Соработката меѓу корпоративните правници и надворешните адвокати е уште една значајна тема за успех во спорот. Најдобрата стратегија не е нужно онаа што изгледа најдобро на хартија, туку онаа што ги зема предвид и правните аргументи и деловната реалност. За истата да се постигне потребна е соработка помеѓу корпоративните правници и надворешните адвокати. Додека корпоративните правници го познаваат секојдневното работење на компанијата, нејзините политики и деловни приоритети, надворешните адвокати носат дополнителна перспектива, специјализирана експертиза и искуство во застапувањето и решавањето спорови. Токму спојот на овие перспективи овозможува развивање стратегија што не само што е правно издржана, туку е и усогласена со деловните политики на компанијата.
- Добивте спор. Што понатаму?
Добивањето на спорот во арбитража звучи како среќен крај, но тоа е само почеток на уште еден важен дел од приказната – признавањето и извршувањето на арбитражните одлуки.
Арбитражните одлуки уживаат меѓународна правна заштита преку Њујоршката конвенција за признавање и извршување на странски арбитражни одлуки, чија договорна страна е и Северна Македонија. Њујоршката конвенција претставува камен темелник во меѓународната трговска арбитража која овозможува признавање и извршување на странски арбитражни одлуки во државите договорни страни, при што основите кога може да се одбие признавањето и извршувањето се исцрпни и ограничени. Нејзината широка меѓународна прифатеност, со 172 договорни страни, ја потврдува нејзината клучна улога во прекуграничното решавање на комерцијалните спорови и во обезбедувањето поголема правна сигурност за деловните субјекти.
Заклучок: Зошто арбитражата?
Реалноста е дека ниту еден систем за решавање спорови не е совршен. Арбитражата не е имуна на проблеми, меѓутоа она што ја прави привлечна за бизнис-заедницата во однос на судското решавање на споровите е тоа што преку соодветно структурирана постапка и правилно избрани арбитражни правила, може значително да се скрати времето на решавање на спорот.
Дополнителна предност е можноста за избор на арбитри кои не доаѓаат исклучиво од правната фела, туку поседуваат и специјализирани знаења и практично искуство во конкретната индустрија или деловна област на која се однесува спорот. На тој начин, арбитражата може да понуди поширока и посоодветна перспектива при разрешувањето на спорот, што за компаниите значи не само поефикасно решавање на несогласувањата, туку и заштеда на време и ресурси.
Нена Николовска
АГЕНДА НА НАСТАНОТ
Воведно обраќање – Иван Петрушевски, претседател на МАКП
Разговор меѓу Виена и Скопје – Градење арбитража преку границите
- Илија Митрев Пенушлиски, амбасадор на VIAC за Северна Македонија, партнер во адвокатското друштво Three Crowns LLP, Париз.
- Николаус Питковиц, почесен претседател на VIAC, партнер во адвокатското друштво Pitkowitz & Partners, Виена
- Вангел Доковски, вршител на должноста претседател на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Панел-дискусија: Надвор од традиционалната комерцијална арбитража – практични перспективи за бизнис-заедницата
- Нена Николовска, „Гранит“ АД Скопје
- Давор Бабиќ, член на Меѓународниот советодавен одбор на VIAC, професор на Правниот факултет при Универзитетот во Загреб, Загреб
- Ника Расадина, правен советник во CMS Германија, Минхен
- Драган Дамески, „Дебарлиев, Дамески и Ќелешоска“, Скопје
- Татјана Поповски Булоски, „Поповски и партнери“, Скопје
- Сенка Михај, „Михај, Илиќ и Милановиќ“, Белград




