Во текот на професионалното работење, кога ќе наидеме на договори склучени пред триесетина години, неизбежно го забележуваме нивниот концизен и едноставен стил. Честопати станува збор за договори составени на само неколку страници, со релативно мал број одредби, кои според денешните стандарди би можеле да ги оцениме како недоволно детални или штури.
За разлика од нив, современите договори сè почесто содржат десетици, па и стотици одредби, при што многу од нив се повторуваат , формулирани се со цел да се покрие секое можно сценарио или препишуваат законски одредби. Впечатокот е дека правникот кој го подготвува договорот настојува да обезбеди апсолутна заштита на компанијата за која работи.
Но, дали поголемиот број договорни одредби навистина значи поголема правна сигурност? Дали обемниот договор нужно е и добар договор? И, конечно, што е она што еден правник треба да го знае и да го земе предвид за да подготви квалитетен договор?
Во време кога вештачката интелигенција станува сè подостапна, се наметнува и прашањето дали секој лаик, со нејзина помош, може да подготви добар договор.
Мојот став е дека добриот договор не е резултат само на познавање на правото и користење на соодветни правни формулации. Тој е резултат на разбирање на конкретниот деловен однос, целите на компанијата и ризиците што произлегуваат од договорната соработка.

Договорот започнува со разбирање на деловниот однос
Покрај професионалното искуство и поуките што ги извлекуваме од ситуации во кои работите не се одвивале според очекувањата, особено важно е правникот темелно да ја разгледа целокупната документација врз основа на која се пристапува кон склучување на договорот.
Без оглед на тоа дали станува збор за понуда, проектна документација, документи од имотно-правен карактер или друга документација релевантна за конкретната соработка, секој од овие документи може да содржи информации кои се од суштинско значење за правилно дефинирање на договорниот однос.
Подеднакво важна е соработката со тимот кој ќе ја спроведува активноста за која се склучува договорот. Правникот мора да ја разбере целта на соработката, деловната стратегија на компанијата, очекуваните резултати и практичните предизвици што можат да се појават во текот на реализацијата.
Неговата улога не е само да ги формулира договорните одредби, туку и навремено да ги идентификува и посочи потенцијалните правни, финансиски и оперативни ризици. На тој начин, менаџментот добива основа за информирано донесување одлуки – кои ризици компанијата е подготвена да ги прифати, а кои треба да бидат соодветно адресирани преку договорни механизми.
Зошто терковските договори можат да бидат најскапата грешка?
Корпоративниот правник не смее да си дозволи механички да користи терковски договори, без претходна анализа на конкретниот деловен однос.
Особено кога не станува збор за ист проект, исти добавувачи или даватели на услуги, ист предмет на договор или исти услови на соработка.
Терковскиот договор, кој се применува без соодветно приспособување, може да биде една од најскапите грешки што компанијата може да си ги дозволи.
На пример, не може да се очекува дека идентична договорна казна ќе биде соодветна и во случај на воспоставување деловна соработка со нов партнер и во случај на долгогодишна соработка со партнер со докажана доверливост и стабилност. Исто така, договорните механизми не треба да бидат исти кога станува збор за соработка со минимален оперативен и финансиски ризик и кога евентуалното неисполнување на договорните обврски може да предизвика значителна штета за компанијата.
Оттука, договорните одредби мора да бидат соодветно приспособени на природата на договорот, конкретните околности и ризиците што произлегуваат од него.
Целта не е договорот да содржи што е можно повеќе одредби, туку секоја одредба да има своја јасна функција и да придонесува кон правната и деловната сигурност на компанијата.
Кои се клучните елементи на еден добро подготвен договор?
Во зависност од природата и предметот на договорот, како и од специфичностите на конкретниот деловен однос, особено внимание треба да се посвети на следните елементи:
- Предмет на договорот – јасно и прецизно дефинирање на предметот и опфатот на договорната соработка.
- Обврски на договорните страни – конкретно утврдување на правата, обврските и одговорностите на секоја договорна страна.
- Цена и услови за плаќање – прецизно утврдување на договорената цена, роковите, начинот и условите за плаќање, дали цените се фиксни или ќе се применува механизам за корекција на цените во времетраењето на договорот.
- Договорна казна – предвидување соодветни механизми за случај на неисполнување или задоцнето исполнување на договорните обврски, кога тоа е применливо.
- Банкарска гаранција и други инструменти за обезбедување – предвидување соодветно обезбедување на исполнувањето на обврските, зависно од природата и вредноста на договорот.
- Времетраење на договорот – јасно утврдување на периодот на важење и евентуалните услови за продолжување.
- Раскинување на договорот – дефинирање на условите, причините и последиците од раскинувањето на договорот.
- Преодни и завршни одредби – уредување на применливото право, начинот на решавање на споровите, измените и дополнувањата на договорот, комуникацијата меѓу договорните страни и другите релевантни прашања.
Ова се основните елементи на кои треба да се обрне внимание, но нивната содржина и обем секогаш треба да произлегуваат од конкретниот договорен однос.
Вештачката интелигенција како алатка, а не како замена за правникот
Вештачката интелигенција несомнено може да биде корисна алатка во подготовката и анализата на договорите. Таа може да помогне во формулирањето на одредби, структурирањето на договорот, идентификувањето на потенцијални пропусти и предлагањето решенија.
Сепак, таа не може автоматски да го замени професионалното расудување на правникот, особено кога е потребно да се разбере поширокиот деловен контекст, да се процени прифатливоста на одреден ризик и да се усогласат правните механизми со реалните потреби на компанијата.
Правникот не е само составувач на договорни клаузули. Тој е советник, аналитичар и партнер на менаџментот во процесот на донесување деловни одлуки.
Лошото искуство како основа за подобра корпоративна практика
Како дополнителен совет, секое негативно искуство од реализацијата на договорите треба да се преточи во подобрена идна корпоративна практика.
На пример, доколку компанијата се соочила со закупец кој не само што не ја плаќал редовно закупнината, туку одбивал да го врати и владението врз просторот и по известувањето за раскинување на договорот поради неисполнување на обврските, тогаш тоа искуство треба да биде сериозно земено предвид при подготовката на идните договори за закуп.
Во таков случај, правникот треба да размисли за предвидување соодветна извршна клаузула, во рамките на законски дозволените услови, и во однос на наплатата на закупнината и во однос на обврската за враќање на владението врз просторот.
Со тоа компанијата може да избегне долготрајни судски постапки, да ги намали трошоците и да обезбеди поефикасна заштита на своите интереси.
На крајот, можеби најважната вредност што еден корпоративен правник може да ја донесе во компанијата не е бројот на подготвени договори, ниту бројот на страници што тие ги содржат, туку способноста да биде дежурниот „overthinker“ и навреме да препознае што може да тргне наопаку и да предложи решение пред ризикот да се претвори во реален проблем.
Затоа, добриот договор не е оној што содржи најмногу одредби, туку оној што најдобро ги штити интересите на компанијата, одговара на конкретниот деловен однос и ги предвидува ризиците што навистина можат да се појават.
м-р. Марина Атанасова
Правен советник
Аитоникс АД Скопје
Марина Атанасова е правник со долгогодишно искуство во областа на корпоративното и трговското право, банкарството, информатичката технологија (ИТ) и регулаторните прашања, корпоративното управување, усогласеноста со законската регулатива (compliance), преговорите и склучувањето договори, заштитата на личните податоци и управувањето со правните ризици. Со искуство во советување на високи раководни структури, координирање на правните функции, поддршка при отстранување на утврдени регулаторни неусогласености, како и соработка со тимови од областа на правото, усогласеноста, управувањето со ризици, набавките и деловното работење. Правна експертиза, комбинирана со практичен и деловно ориентиран пристап кон управувањето со ризици, корпоративното управување и донесувањето деловни одлуки.