GDPR и Вештачката Интелигенција – лути непријатели или тим од соништата?

Општа реглатива за заштита на личните податоци (GDPR) ја постави и зацвртсти светоста на приватноста, воспоставувајќи правна рамка која ја регулира заштитата на личните податоци.

Имајќи во предвид дека С.Македонија е кандидат земја за целосно членство во Европската Унија, македонскиот Закон за заштита на личните податоци е усогласен со Регулативата.

Од друга страна, Вештачката Интелигенција (ВИ) со галопирачки чекори зачекори во модерното општество, влијаејќи на голем дел индустрии, од забавата, до финансиите, здравството и секако правото.

Човештвото беше и сеуште е заслепено од можностите кои ги нуди ВИ, но во стручната јавност се јави оправдана загриженост имајќи во предвид дека ВИ се храни со огромен број на податоци, притоа вклучувајќи ги и личните податоци. Па така, се наметна потребата ВИ да го мине филтерот на GDPR.

Така, на 25 јуни 2020 година, Европскиот Парламент објави студија која анализираше на кој начин ВИ е регулирана во рамките на GDPR и дојде до заклучок дека, иако GDPR има механизми со кои може да ја регулира ВИ, сепак нема доволно насоки за тоа како да се постигне истото и на Контролорите им се потребни поконкретни и попрецизни постапки, заради што се иницираше креирање на Актот за Вештачка Интеллигенција (ВИ Акт) на Европската Унија. ВИ Актот треба да обезбеди дека системите за ВИ ќе бидат транспаретни, сигурни и безбедни, односнот да почиваат на основните начела на кои почива и GDPR. ВИ Актот се усвои на 01.08.2024.

Па, како да уживаме во придобивките од ВИ, а во исто време да бидеме усогласени со GDPR, односно локлниот Закон за заштита на личните податоци?

  • • За да се избегне повреда на GDPR, при разгледување на можноста користење на алатки (програмски решенија) и практики на ВИ, од особено значење е вклученоста на Офицерот за заштита на личните податоци (ОЗЛП) заедно со правниот сектор и Тимот за ИТ и Безбедност од самиот почеток. Овој тим треба да функционира беспрекорно и компаниите да се свесни за неговата важност, заради правната заштита и усогласеноста која компанијата е должна да ја обезбеди под водството на ОЗЛПи заради технолошката експертиза на Тимот за ИТ и Безбедност, кој во соработка со ОЗЛП ќе може навремено да предупреди за можните ризици при користењето на ВИ;
  • • При развивањето на апликациите / програмите задолжително да се интегрира безбедноста на податоците и заштита на приватноста, па оттаму особено внимание треба да се обрати на можните ризици по приватноста;
  • • Осмислување на начини преку кои ќе се минимизираат податоците и обезбедување дека целта заради која се собираат и обработуваат е законска;
  • • Креирање на техники за аномимизација и псевнонимизација на личните податоци;
  • • Можност за обезбедување на транспаретност и одговорност во процесите на донесување одлуки за ВИ;
  • • Транспарентност во поглед на информирањето на субјектите на лични податоци на начин кој ќе им биде јасен и лесно разбирлив дека нивните податоци ќе се користат во алгоритмите за ВИ, при што ќе се обезбедат јасни услови за користење и правила за приватност кои ќе обезбедат заштита на личните податоци;
  • • Користење на комплексни процедури за безбедно управување со податоците и спроведување на редовни ревизии и проценки на ризик;
  • • Осигурурање на пристап до личните податоци само од страна на овластени лица и обезбедување на контрола на пристап;
  • • Едукација на вработените и засегнатите страни во развојот и користењето на ВИ од аспект на GDPR и одговорните практики при употреба на ВИ;
  • • Воведување на Систем за управување со документацијата (Document Management System) кој ќе обезбеди ефикасно собирање, обработка и безбедно чување на личните документи;
  • • Негување на култура на приватност на личните податоци и одговорно користење на вештачката интелигенција;
  • • Инвестирање во континуирани обуки, како на Офицерот за заштита на личните податоци, така и на сите вработени кои се овластени да собираат, обработуваат и чуваат лични податоци, како и на Тимот за ИТ и Безбедност.

И покрај тоа што GDPR наметнува бројни предизвици, начелата на GDPR се нешто што е дел од природното право и се веќе имплементирани од повеќето компании кои обравотуваат лични податоци во текот на нивното работење и кои се стремат да бидат транспарентни, фер и да работат според законот.

Од друга страна, со користењето на можностите кои ни ги нуди ВИ, компаниите можат да ги подобрат своите напори за усогласеност со GDPR, притоа намалувајќи го обемот на рачна / техничка работа.

Затоа, може да се заклучи дека ВИ и GDPR не се исклучуваат меѓусебно, напротив, ако се користат правилно земајќи го во предвид сето погоре посочено, тие се надополнуваат.


Марина Атанасова,

Водач на кабинетот на Извршниот директор и

Корпоративен секретар на Надзорниот одбор

ГРАНИТ АД