Во ЕОЅ Матрих, заштитата на личните податоци не се третира како изолирана правна обврска, туку како составен дел од корпоративното управување, управувањето со ризици, информациската безбедност и квалитетот на услугите. Тој пристап е поддржан со имплементираните стандарди ISO/IEC 27001, ISO/IEC 27701 и ISO/IEC 20000, преку кои правните барања, компанијата ги преточува во документирани процеси, јасни одговорности, оперативни контроли и континуирано подобрување.
Влатко Водасов, директор за правни работи и усогласеност и Маја Ѓоргиевска, офицер за заштита на лични податоци во EOS Матрих, одговараат на прашањата на МАКП за тоа како кај нив изгледа примената на најдобрите практики и одговорното работење во однос на безбедноста на личните податоци.
1. Како ја оценувате моменталната свесност за заштита на лични податоци кај компаниите?
Свесноста е значително повисока отколку пред неколку години, но зрелоста сè уште се разликува од компанија до компанија. Многу организации имаат политики и формални акти, но вистинската усогласеност се гледа во секојдневното работење. Клучно е дали компанијата знае кои податоци ги обработува, зошто ги обработува, кој има пристап и како ги контролира ризиците. Кај нас, заштитата на личните податоци е еден од клучните столбови во управувањето со процесите и се спроведува преку интегриран систем, јасни одговорности и редовни контроли.

2. Зошто GDPR не треба да се гледа само како регулатива, туку како дел од деловната стратегија?
GDPR треба да се разбере како рамка за одговорно управување со еден од највредните ресурси на компанијата, а тоа се податоците. Добро поставената заштита го намалува правниот, оперативниот и репутацискиот ризик, но истовремено ја зголемува довербата на клиентите и партнерите. Таа овозможува побезбедно воведување нови технологии и поефикасни процеси. Поради тоа, приватноста треба да биде дел од деловното одлучување уште од фазата на дизајн, а не последна проверка пред имплементација. Дополнителна вредност за нас во ЕОЅ Матрих претставува тоа што е дел од германска групација, што ни овозможува пристап до развиени групациски стандарди, меѓународни искуства и континуирана стручна поддршка. Особено е значајно што оваа поддршка доаѓа од експерти кои не само што имаат длабоко практично знаење во своите области, туку учествуваат и во стручни и регулаторни процеси поврзани со креирањето политики. На тој начин, можеме навремено да ги препознаваме идните регулаторни и технолошки насоки и да ги преточуваме во одржливи деловни решенија и повисоки стандарди на заштита.
3. Кој е првиот чекор што компаниите треба да го направат кон усогласување?
Првиот чекор е реално мапирање на деловните процеси во кои се врши обработка на лични
податоци. Компанијата треба да утврди кои податоци ги обработува, за која цел, врз која правна основа, каде се чуваат, кој има пристап и колку долго се задржуваат. Потоа следуваат процена на ризикот, проверка на постојните контроли и утврдување дали е потребна DPIA. Без точна слика за процесите, секоја програма за усогласување останува само формална. Сепак, покрај овој прв чекор, за ЕОЅ Матрих целосната усогласеност подразбира и имплементација на сеопфатен систем за управување со усогласеноста, во кој процесите се воспоставуваат, контролираат и континуирано се подобруваат врз основа на идентификуваните ризици. Само преку таков системски и пристап базиран на ризици компанијата може да ја демонстрира својата отчетност, ефективноста на контролите и реалната заложба за одговорно управување со усогласеноста.
4. Кои се најголемите предизвици при имплементација?
Најголемиот предизвик е правните барања да се претворат во практични и одржливи деловни процеси. Често постојат нејасни одговорности, наследени системи, прекумерни пристапи, неусогласени рокови за чување и недоволна контрола на добавувачите. Дополнителен предизвик е усогласувањето меѓу деловните потреби, правната рамка и техничките можности. Успешната имплементација затоа бара поддршка од менаџментот, сопственици на процеси и тесна соработка меѓу Compliance, Legal, IT и Information Security.
5. Како изгледа „добра пракса“ кога станува збор за управување со податоци?
Добрата практика значи управување со податоците низ целиот нивен животен циклус, од прибирање до безбедно бришење или анонимизација. Целта, правната основа, пристапите, роковите за чување и примателите треба да бидат јасно дефинирани и документирани. Потребни се логирање, следливост, контрола на добавувачите, управување со инциденти и редовни проверки. Во компанијата ISO 27001, ISO 27701 и ISO 20000 овозможуваат овие барања да функционираат како интегриран и континуирано подобруван систем.

6. Како GDPR се поврзува со други стандарди (ISO, безбедносни рамки)?
GDPR ги поставува принципите, правата и правните обврски, додека ISO-стандардите помагаат тие барања да се претворат во управуван систем. ISO 27001 обезбедува рамка за информациска безбедност, ISO 27701 ја проширува кон управување со приватноста, а ISO 20000 воспоставува дисциплина во управувањето со ИТ-услугите и инцидентите. Ниту еден стандард сам по себе не ја заменува законската усогласеност. Нивната вистинска вредност е во повторливите, документирани и проверливи процеси. Додека некои компании ја гледаат сертификацијата само како формален процес, ние во ЕОЅ Матрих ја препознаваме како практичен модел за воспоставување, спроведување и континуирано подобрување на деловните процеси. Токму со таква намера се имплементирани наведените стандарди, бидејќи во нив се вградени признати најдобри практики за управување со процесите и за обезбедување високо ниво на заштита во областите што ги опфаќаат. На тој начин, сертификацијата за ЕОЅ Матрих не претставува само потврда за исполнување формални барања, туку доказ дека принципите на стандардите се интегрирани во начинот на кој компанијата секојдневно работи и управува со ризиците.
7. Каква улога има технологијата (AI, automation) во заштита на податоци?
Технологијата има сè поголема улога во заштитата на личните податоци, особено преку автоматизација на контроли, следење на пристапи, логирање, класификација на податоци, управување со инциденти и проверка на рокови за чување. Вештачката интелигенција и автоматизацијата можат значително да ја зголемат ефикасноста и навременоста на контролите, но истовремено носат и нови ризици кои мора однапред да се проценат. З атоа секое воведување нова технологија треба да биде проследено со јасна цел, процена на ризик, дефинирани одговорности, ограничување на пристапите, соодветни технички и организациски мерки и, каде што е потребно, DPIA. Технологијата треба да биде поддршка на системот за усогласеност, но не и замена за човечки надзор и одговорност.
8. Кој е еден совет што секоја компанија треба веднаш да го примени?
Најважниот совет е компанијата да има јасна слика за тоа кои лични податоци ги обработува, во кои процеси, за која цел, врз која правна основа, кој има пристап, каде се чуваат, кому се пренесуваат и колку долго се задржуваат. Без оваа основа не може реално да се процени ризикот, да се изберат соодветни мерки или да се докаже усогласеност. Затоа мапирањето на процесите, редовното ажурирање на евиденциите за обработка и проверката на контролите треба да бидат континуиран процес, а не еднократна активност. Тоа е основата врз која понатаму се гради целиот систем на отчетност.
Ова е пристап што ние во ЕОЅ Матрих го применува преку редовно мапирање и ажурирање на процесите, евиденциите за обработка и контролите, со цел компанијата во секој момент да има јасна слика за обработката на личните податоци и поврзаните ризици.
Кај нас, заштитата на личните податоци e вградена во секојдневното однесување на вработените, во начинот на користење на системите, комуникацијата со клиентите и примената на интерните процедури. Само на овој начин приватноста станува дел од корпоративната култура, а не само дел од документацијата.