Луѓето, планетата и профитот (people, planet, profit). Според Џон Елкингтон ова се трите перспективи преку кои треба да се мери деловната успешност на компаниите. Родовата рамноправност е само дел од ЕСГ темите кои треба да бидат обработени од стана на трговските друштва. Во таа насока Европската Унија ги донесе Директивата за еднакви плаќања на мажите и жените[1] и Директивата за еднаквост на половите[2]. Унијата пред две години за прв пат ја уреди и родовата рамнотежа помеѓу директорите во трговските друштва[3].
Причините беа повеќе од евидентни. Така, во 2003 година учеството на жените во органите на управување во трговските друштва во ЕУ е само 8.5%.[4] Во април 2016 година просечната застапеност на жените во одборите на директори од најголемите друштва чии акции котираат на берза во 28 држави на ЕУ порасна на 23.3%, додека во 2023 година учеството на жените е зголемено на просечни 33% во државите каде има „меки“ мерки за унапредување на родовата рамнотежа и на просечни 38% во државите каде тоа е задолжително.
Според Директивата (EU) 2022/2381, државите членки се должни до 30.06.2026 година да обезбедат дека припадниците на недоволно застапениот пол ќе заземат најмалку 40% од бројот на неизвршни директори и дека припадниците на недоволно застапениот пол ќе заземат најмалку 33% од сите директорски позиции, вклучително извршни и неизвршни директори[5].
Директивата има прилог во кој е наведена методологијата за пресметка на целниот број на директори од недоволно застапениот пол во зависност од бројот на директори. Обврската не се применува на микро, мали и средни претпријатија, односно на трговски друшта што имаат помалку од 250 вработени и чиј годишен промет не надминува 50 милиони евра или чија вкупна актива не надминува 43 милиони евра.
Друштвата се должни да применуваат јасни, неутрално формулирани и недвосмислени критериуми кои се применуваат на недискримитароски начин во текот на целиот процес на избор, да даваат предност на кандидат од недоволно застапениот пол во случаи кога двата кандидати од различни полови се еднакво квалификувани, како и да известуваат за критериумите за квалификуваност ако тоа го побара кандидатот заедно со објективна компаративна процена на кандидатите во согласност со тие критериуми.
Трговските друштва ќе мора најмалку еднаш годишно да достават извештаи на надлежните тела за податоците за родова застапеност во своите одбори. Ако целите не се постигнати друштвата мора да ги известат телата за плановите за постигнување на целите. Известувањето мора да биди и на интернет страницата на друштвата. Обврска е на државите членки да направат и попис на трговските друштва кои ги постигнале тие цели. Членките се должни да утврдат и пропорционални казни, вклучувајќи и парични глоби за друштвата кои не спроведуваат отворени и транспарентни постапки за именување.
Родовата рамнотежа во С.Македонија
Во 2021 година беше донесен новиот Кодекс за корпоративно управување на котираните друштва на Македонска берза. Родовата рамнотежа е регулирана во точка 2.13 “Друштвото презема мерки за да обезбеди дека ќе има најмалку 30% жени членови на надзорниот и на управниот одбор до 2025 година. Годишниот извештај вклучува резиме на преземените активности за исполнување на оваа цел“.
Македонската берза во март 2024 година објави и родовата анализа на органите на управување на котираните акционерски друштва . Така, органите на управување во 89-те компании на официјален пазар имаат вкупно 559 членови. Од нив 25.4% се жени а 74.6% се мажи. Структурата на учество на мажи и жени како извршни директори или претседатели на управни одбори на котирани акционерски друштва покажува уште подрастична разлика, само 16.5% се жени додека 83.5% се мажи (ситуацијата е подобра во компаниите кои го сочинуваат МБИ10). Прашањето за родовата рамнотежа беше анализирано и во Извештајот за следење на усогласеноста на котираните друштва со кодексот за корпоративно управување во 2023 година, објавен во октомври 2024 година.
Иако денес оваа обврска е се уште на полето на т.н. “меки норми“, за очекување е дека со некоја следна измена на Законот за трговските друштва обврската ќе стане облигаторна, па македонските компании мора бидат подговени за подобрувања на родовата рамнотежа во своите највисоки органи.
Д-р Александар Матески
Директор на сектор за правни и корпоративни работи во Прилепска Пиварница АД
[1] Директива (ЕУ) 2023/970 на Европскиот парламент и на Советот од 10 мај 2023 година за зајакнување на примената на принципот на еднаква плата за еднаква работа или работа со еднаква вредност помеѓу мажите и жените преку транспарентност на платите и механизми за спроведување.
[2] Директива 2006/54/ЕК на Европскиот парламент и на Советот од 5 јули 2006 година за имплементација на принципот на еднакви можности и еднакво третирање на мажите и жените во однос на вработувањето и професионалното ангажирање.
[3] Директива (ЕУ) 2022/2381 на Европскиот парламент и на Советот од 23 ноември 2022 година за подобрување на родовата рамнотежа меѓу директорите на котирани компании и поврзани мерки.
[4] Родова рамнотежа во корпоративните одбори: Европа го крши „стаклениот таван“, Информативен лист | Јули 2016 година.
[5] Неизвршен директор според директивата е член на едностепен систем на управување кој не е извршен директор или кај двостепениот систем член на орган кој извршува надзорна функција во трговско друштво кое котира на берза
*image created with ChatGPT