Loading
Happy To Discuss About Your Requirement  Get a Quote

Вести

Арбитража: премногу рано или премногу модерно?

Арбитража: премногу рано или премногу модерно?

Од Марија Шеќероска

Економските околности забрзано се менуваат, развојот на пазарот и новите технологии иницираат и бараат адаптибилност и ефикасност на фирмите како би можеле да опстојат и да продолжат да се развиваат. Константно се зборува за конкурентноста на компаниите и нивните капацитети за следење на модерните и иновативните западни пазари, а реалноста дава горчлив вкус дека трчаме на некоја скратена патека , каде неретко се влегува несвесно, избрзано и недоволно запознаени со модерните пазарни услови. Следењето на модерните текови не подразбира само техничко технолошко описменување на пазарот, туку и на секојдневните активности од начинот на стапување во контакт со бизнис партнери до начинот на преговарања склучување на договори и нивно извршување па се до крајот на решавање на спорови доколку тие настапат. Неминовно во сите овие процеси е приспособување на новите трендови и нивна примена, но пред се потребна е анализа на нивната суштина и едукација за нивната правилна примена.

Овие карактеристики - адаптибилност, едукација и правилна примена всушност треба да придонесат за зголемена ефикасност, што денешниот модерен пазарен свет го карактеризираат целиот процес на Doing Business од преговори до реализација на договорите, како и на крај разрешување на евентуални спорови настанати при реализација на договорите. Разрешувањето на споровите како по Default во нашиот систем сеуште упатува на судската постапка и разрешување на споровите во лавиринтите на судските ходници од 3 до 15 години што често ги одвраќа компаниите да ја бараат правдата. Неминовно, зголемената неефикасност на судовите и потешкото остварување на правдата во истите, даде простор за отпочнување на системот на алтернативно решавање на споровите, преку арбитражата. Неефикасноста на судскиот систем како карактеристика е утврдена и со Извештаите на европската комисија која во своите заклучоци континуирано ја утврдува потребата од промовирање на алтернативните начини на решавање на спорови и промоција на институциите кои овозможуваат спроведување на овие постапки.

Арбитражата на територија на Р. Северна Македонија иако полека го зазема своето место, сеуште е во сенка на митот на нешто премногу модерно, комплицирано и карактеристика на високоразвиените земји. Дали митот доаѓа од чувството на неспремност или од чувството на непознатост се бариерите кои треба да се надминат како компаниите би обезбедиле ефикасно и навремено решавање на споровите.

Сето ова неминовно укажува дека е потребна стратегија и едукација и промовирање на оваа успешна алатка за алтернативно решавање на споровите која преку нејзината ефикасност, флексибилност и можност за побрз пристап до правдата овозможува компаниите навремено да ги остваруваат правата кои им биле ускратени и/или повредени. Основите активности при legal risk management анализите укажуваат на неопходноста од примена на овие решенија како би се заштитиле од негативните ефекти на долгите изнемоштувачки постапки пред судовите во кои, додека дојдете до остварување на своето право, другата страна веќе или не постои или ги префрлила своите средства, со што е загрозено или оневозможено присилното исполнување на нејзината обврска.

Оттука, за арбитражата ниеден мит не е точен, односно ниту е премногу рано, ниту е премногу модерно истата да се применува. Напротив, таа е неопходна да обезбеди брзи и ефективни решенија на спорните прашања при Doing business каде секој ќе може навремено да преземе мерки и активности за заштита на своите побарувања пред професионални и специјализирани поединци.

Оттука поединечно секој неточен мит за арбитражата се побива со следните аргументи кои неминовно одат во нејзин прилог:

  • Арбитражата е премногу модерна постапкаАрбитражата се спроведува врз точно утврдени јасни правила кои се јавно достапни на страните на институциите кои се лесно применливи и едноставни, а кои не дозволуваат манипулација и скриени можности за избегнување на навремена одлука.
  • Арбитражата е премногу скапаСпоредбено надоместоците кои се плаќаат во текот на 5 до 10 години додека добиете одлука со надоместоците за арбитражната постапка која трае од 6 месеци до 3 години најчесто, а зависно од сложеноста на предметот, не се разликуваат во голема мера. Дополнително, постојат различни арбитражни институции каде административните трошоци и надоместоците за арбитри се разликуваат и голем дел од арбитражните судови нудат поволни услови за наплата на трошоци кои ќе ги претрпите за време на арбитражата. Оттука, висината на трошоците зависи од арбитражната институција во чија надлежност е доверено решавањето на спорот, која пак надлежност, зависи од волјата на договорните страни, кои имаат право и слобода да ја преговараат времената рамка на процесот кој резултира со низок или висок трошок. 
  • Арбитражата не е сигурнаАрбитражните одлуки се заштитени со еден единствен документ - Њујоршката конвенција кој се применува на територија на сите земји потписнички. Њујоршката конвенција гарантира извршување на арбитражните одлуки како на домашните судски пресуди, а истата се применува и е прифатена од 172 земји, факт кој ја потврдува тежината и значењето на овој меѓународен документ.

Можностите за избор на институција, правила и арбитри даваат значајни можности на компаниите да притоа го направат изборот кој сметаат дека најсоодветно ќе ги доведе до правични и фер решенија. Време е да излеземе од стегите на традицијата и влеземе во процесите кои ќе обезбедат раст, развој и ефикасна правда. Најголемите учесници во арбитражните постапки се големите компании и државата, што укажува и треба да биде патоказ за малите и средните претпријатија дека тоа е начинот на кој треба да ги решаваат и тие своите спорни прашања.

За крај главните причини, ЗОШТО арбитража на кратко појаснети:

Арбитражата дава целосна можност за избор односно диспозиција на страните при избор на соодветно право кое ќе е применливо, местото каде би се одвивала постапката во случај на спор, бројот на арбитри кои ќе одлучуваат во постапката, како и јазикот на самата постапка;

Респектабилни професионалци може да бидат назначени за арбитри при што може да се адаптира изборот согласно на карактеристиките од индустријата од каде доаѓате за спецификата на Вашиот спор;

Било кое арбитражно тело, своите правила по кои се води постапката ги има објавено на својата веб страна со што страните однапред може да се запознаат со едноставноста на постапката;

Идејата на постоењето на ефикасно алтернативно решение преку арбитражни судови е носење на одлука во еден степен;

Траењето на постапките од одржувањето на подготовитeлно рочиште до донесување одлука варира од 3 месеци до 24 месеци во зависност од сложеноста на предметот, спорот се решава во еден степен и немате долги исцрпувачки процедури;

Ризикот од бесцелни одлагања е сведен на минимум преку доследно следење на процедуралните правила кои во најголем дел предвидуваат и поставување на временска рамка уште на самиот почеток на постапката во консултација со страните и арбитрите кои потоа се придружуваат кон истата; 

Арбитражата широко се користи за меѓународни спорови бидејќи обезбедува независност и непристраност за двете страни, бидејќи независниот закон, арбитрите и институцијата може да се договорат од страна на страните; 

Така, aрбитражата дава флексибилност процедурата да ја приспособите за потребите на предметот на спорот.

Исто така, незначителен број на земји не се потписници на Њујоршката конвенција која обезбедува извршување на арбитражни награди.  

Она што е битно е дека арбитражното тело странките го бираат врз основа на нивните преференции со што се дава можност за избор на администрација од земја која нема никаква конекција со договорните страни со што се обезбедува непристрасност и заштита од влијаниа; 

Heпридржувањето кон одлуката за награда е предмет на извршување во својство на награда од странски суд, признаена во сите јурисдикции.

Марија Шеќероска 
Сениор Правен Асистент и Корпоративен Секретар на Управниот Одбор на 
ГРАНИТ АД 

Prev Сподели
Вебинар со Стерлинг Милер!
мај 13, 2024
Next Сподели
Активности на МАКП за појаснување на примената на Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи
мај 27, 2024