Од Мартин Алексоски.
Добро подготвените корпоративни правници сè повеќе се потребни во светот на бизнисот, каде што промените можат да се случат брзо и без предупредување. Корпоративните правници се неуморните бранители на законските права на организацијата, осигурувајќи се дека одлуките и дејствијата се во согласност со законот. Работата на корпоративните правници е особено важна за развојот и растот на организацијата, како и за нејзините севкупни перформанси. Да направиме брз осврт на главните сфери на деловната активност во која работата на корпоративните правници е најзначајна:
- Правна усогласеност и управување со правниот ризик: Примарната одговорност на корпоративниот правен советник е да го заштити бизнисот од потенцијални правни закани. Корпоративните правници мора да се придржуваат до сите правни барања, имајќи на ум дека бизнисите се соочуваат со различни ризици во нивното секојдневно работење, почнувајќи од договори и интелектуална сопственост до регулатива за конкуренција и заштита на потрошувачите. Главните одговорности на корпоративните правници вклучуваат предвидување и одбегнување потенцијални правни ризици, заштита од судски спорови и придржување кон националните и меѓународните правни барања. Тие, исто така, нудат совети и превентивни мерки за да се избегнат потенцијални правни проблеми преку евалуација на завршени и тековни правни случаи, имајќи предвид дека судските случаи можат да траат со години и дека нивните трошоци може значително да ја намалат ликвидноста на бизнисите;
- Усогласување на различни законски решенија и меѓународни стандарди: Корпоративните правни советници се разликуваат од нивните колеги во други правни специјалности, првенствено во нивниот капацитет да преговараат и усогласуваат норми од многу правни системи и јурисдикции. Советниците се занимаваат со различни нијанси во нивната работа, особено кога се справуваат со прашања кои имаат меѓународна компонента. Дополнителен предизвик за корпоративните правници е да ги продлабочат своите знаења за различни правни области и да ги усогласат барањата придржувајќи се до утврдените правни и деловни стандарди. Овој предизвик е поставен од интернационализацијата на бизнисот и проширувањето на деловните операции на компаниите низ повеќе јурисдикции и различни правни системи;
- Планирање и предвидување на потенцијалните ризици во работењето и нивното управување: Една од најтешките задачи за корпоративните правни советници е да ги решаваат случаите и несогласувањата без да го загрозат брендот на компанијата. Покрај тоа што често служат како претставници на компанијата пред соодветните органи, тие се и стратешки комуникатори кои треба да ги поддржуваат и штитат интересите на компанијата. Главната карактеристика на добриот корпоративен правен советник во денешно време е способноста да се справува со кризи и да комуницира стратешки;
- Овозможувачка околина: Од друга страна, една од целите на корпоративните правници е да креираат овозможувачка околина за бизнисот (business friendly environment), во кој компаниите можат да функционираат без пречки. Ова вклучува изградба на рамки за преговори, решавање на спорови и осигурување на добри односи со клиентите, државните институции и другите компании. Во суштина, корпоративните правници се стратегиски партнери во формирањето и одржувањето на позитивен и одговорен профил на компаниите.
- Креирање деловни стратегии: Дополнително, корпоративните правници не се само правни "доктори" што лекуваат болести, туку и стратези, вградени во бизнисот за да обезбедат подобро разбирање на деловното окружување и да ја формулираат најдобрата стратегија за делување на компанијата. Од финансиски трансакции, преку преземање на други компании, па се до усогласување сложени законски регулативи, корпоративните правници се неизбежен дел и важен советник на бизнис-лидерите.
- Корпоративна одговорност и етички пристап кон околината: Во современото корпоративно работење каде потрошувачите и корпоративните комуникации со јавноста се од примарно значење за компаниите, корпоративната одговорност станува посебно важна. Корпоративните правници се чувари на етиката во компаниите и одговорни за спроведување на стандардите за корпоративна одговорност кон локалната заедница. Преку креирање на документи за корпоративна одговорност кон локалната заедница, базирани на меѓународните стандарди за социјално одговорни бизниси (ESG), влијаат во насока на почитување на етичките принципи и изградба на репутацијата на компаниите како социјално одговорни ентитети и важен дел од локалната заедница.
- Интеграција на нови технологии и иновации во правната пракса: Спроведувањето на нови технологии и иновации во правната пракса е предизвик, а со самото тоа и можност. Корпоративните правници треба да бидат во чекор со најновите технолошки трендови и да ги интегрираат во својата работа со цел подобрување на ефикасноста и брзината на правните услуги.
Но, зошто бизнисите треба да инвестираат во корпоративни правници? Одговорот е едноставен - за да го заштитат своето постоење и раст. Правниците се неопходни не само за заштита на деловните операции, туку и за иновации и напредок. Низ својата работа создаваат услови за постојан раст и развој, осигурувајќи правна сигурност во работењето на компаниите. Во крајна линија, корпоративните правници се неопходни сојузници за успехот на компаниите, имајки во предвид дека денес, повеќе од било кога, компаниите зависат од стратегиите и вештините на своите правни тимови. Компаниите што ги разбираат и ценат придобивките од овој начин на работење и сигурноста од потенцијалните ризици се подготвени за предизвиците кои ги носи современото глобално деловно работење.
Мартин Алексоски
Executive Officer
International Development Group