Loading
Happy To Discuss About Your Requirement  Get a Quote

Вести

Улогата на корпоративниот правник при инспекциски надзор

Улогата на корпоративниот правник при инспекциски надзор

Др. Орде Ѓорѓиоски

  Една од најважните обврски на корпоративниот правник е идентификацијата и превенцијата на правните ризици во работењето. Во таа смисла, слободно може да се каже дека корпоративниот правник има обврска да врши интерен надзор над примената на законите и другите прописи од страна на различните чинители и организациони единици во друштвото, слично на улогата која што ја има инспекторот во рамките на инспекциското иследување дали друштвото работи во согласност со законите и другите прописи и општи акти. Разликата се состои во тоа што корпоративниот правник е првоповикан за изработка и примена на интерните акти, кои што, во секој случај, мора да бидат во согласност со позитивно-правното законодавство.

Во суштина, инспекциската постапка е уредена со Законот за инспекциски надзор („Службен весник на РСМ“ бр. 102/2019) како генерален закон, но и со Законот за општата управна постапка, како и со посебните закони. Со Законот за инспекциски надзор се уредуваат основните начела на инспекцискиот надзор, статусот, надлежностите и работењето на Инспекцискиот совет, организацијата и раководењето со инспекциските служби, следењето, контролата и координацијата на работата на инспекциските служби, статусот и вработувањето на инспектор, лиценцата за инспектор, правата и обврските на инспектор (системот на надоместоци на плати на инспекторите, системот за стручно усовршување и обука на инспекторите), учинокот на инспектор, права и обврски на субјектите на инспекциски надзор при вршење на инспекциски надзор, постапката на вршење инспекциски надзор, посебните дејствија во инспекциската постапка, односите на инспекциските служби и надлежните органи, како и спроведувањето на законот. Меѓутоа, во тековното работење, корпоративниот правник треба да посвети особено внимание и на: Законот за државен пазарен инспекторат, Законот за инспекцијата на труд, Законот за инспекциски надзор во животната средина, Законот за санитарната и здравствената инспекција, Законот за техничката инспекција и повеќе други. Секако, сите закони со кои што се уредува конкретната материја или начинот на работење (од регулација на пазарот на капитал, пазарот на добра и услуги, пазарот на труд, техничките прописи за работењето, безбедноста на храната, безбедноста и здравјето на луѓето, заштитата на личните податоци и многу други) мора да бидат во фокусот на неговата работа, а со цел да го обезбеди нормалното функционирање на друштвото, анулирајќи ги во голема мера можните последици од неусогласеност со прописите.

Она што е реалност е секојдневниот предизвик на корпоративниот правник, со целиот свој капацитет, повремено и со надворешна помош, да успее да изменаџира со следните три важни работи::

  • Документациска покриеност;
  • Фактичко спроведување и организација на работите;
  • Трансформација на затекната состојба, ставови на менаџмент и вработени.

Документациска покриеност се однесува на поседувањето комплетна документација за одреден аспект од работењето, што при евентуален инспекциски надзор може да биде предмет на контрола, а согласно законските прописи и подзаконски акти. На пример, доколку се соочиме со инспекциски надзор од страна на Државен инспекторат за труд, за случена повреда на работното место, она на што се инсистира се најмалку следните документи: доказ за навремено пријавена повреда до ДИТ, изјава од повреденото лице и од најмалку еден сведок дека настанала повредата на работното место со опис на начинот на случување и сите други поважни аспекти, договор за вработување на увид за да се утврди работното место на кое лицето работело, потврда за извршен систематски преглед, потврда за извршена обука за БЗР од страна на стручни лица, извадок од изјавата за безбедност и процената на ризик, технички извештај од овластено лице за испитување на опрема ако повредата се случила на машина или друга опрема или пак за електричната инсталација и слично. Се разбира дека со ова не се исцрпува листата на можни документи и аспекти кои што можат да бидат контролирани и земени предвид. Но, она што ја прави сложена улогата на корпоративниот правник е одличното познавање на повеќето прописи од областа предмет на надзор. Во конкретниот пример, основно е познавањето на Законот за безбедност и здравје при работа и повеќето подзаконски акти кои што произлегуваат од тој закон, Законот за работните односи, Законот за техничката инспекција и подзаконските акти во таа сфера и други. Најважно од сé во целата ситуација е успехот да се навигира со сите активности, следејќи ги утврдените рокови и правила и усогласувајќи го однесувањето на вклучените лица.

Фактичкото спроведување и организација на работите е особено сложен процес поврзан со операционализација на она што е утврдено во актите. Обврска на корпоративниот правник е да ја координира и насочува работата на сите чинители во одделните процеси, а од едноставна причина што е практично невозможно, особено кај поголемите системи, самоиницијативно да успее да го организира начинот на работа и постапување во секој контролиран сегмент. Едноставно, тешко е да се верува во „супермоќта“ на поединец или мала група луѓе (како што вообичаено се организирани правните оддели) кога мора да се земат предвид сите околности поврзани со мноштвото прописи, а притоа да не се пропушти ништо што е од витално значење за функционирањето на друштвото. Веројатно најдобрата препорака во овој дел е активна работа со стручните лица за БЗР во компаниите (кои што според подзаконскиот акт мора да бидат од техничка струка) и формирање тим за сите пообемни активности и особено за новите работи и прописи.

Трансформацијата на затекнатата состојба, ставовите на менаџментот и вработените се можеби најсложеното прашање во кое мора да се инвестира голема количина енергија, но и со кое објективно се губи дел од енергијата. Најважното нешто што мора да се сфати е дека сé започнува од волјата на менаџментот. Тука доаѓа до израз умешноста на корпоративниот правник да го претстави одделното прашање / проблем на соодветното ниво во организацијата, создавајќи простор за конструктивни дискусии и активен дијалог на одделната тема. На овој начин, корпоративниот правник ги едуцуира колегите за предметната материја и се зголемува свеста за потребата од доуредување на одредени аспекти од работењето. Еден од најголемите проблеми е трансформацијата на затекнатата состојба, на ставовите и размислувањата кај поединците кои што се вклучени во процесите. Имено, многу често субјектите работат во адаптирани и наследени услови (пр. објекти, хали), а поголемите трансформации на просторот согласно барањата налагаат ангажирање значителни финансиски средства, реорганизации и обезбедување различни градежни дозволи. Уште повеќе, евидентна е неусогласеноста во барањата на одредени инспекциски тела, а како резултат на присутната колизија помеѓу одредени законски одредби во надлежност на две или повеќе надзорни тела, но постојат и разлики во пристапот и барањата на субјектите. Дополнителен проблем претставуваат и проблемите со разбирање на одредени законски барања и практичната неприменливост на одредени одредби и прописи. Таквиот пристап создава конфузност во постапувањето, па многу работи и активности остануваат на хартија, без реална примена на терен. Особен проблем претставуваат и субјектите кои што директно вршат различни испитувања, обуки, контроли и слично, во компаниите застапувани од корпоративните правници. Тука од особено голема важност е улогата на корпоративниот правник во правец на соодветно покривање на соработката со договор, контрола на усогласеноста на добавувачот на услуги со законските прописи и поседувањето на потребните дозволи и лиценци, како и водењето преговори и контрола на квалитетот на извршената работа.

Со претходно наведените аспекти поврзани со вршењето на инспекциските надзори, воопшто не се исцрпува листата на обврски на корпоративниот правник во организациите, туку само се прави обид појасно да се претстави клучната улога која ова лице ја игра во компанијата. Очигледно е дека ваквите активности многу успешно можат да бидат завршени кога ги спроведува лице директно вработено во компанијата, а од причина што сите тие се долготрајни процеси на кои е потребно да се посвети внимание секојдневно, и да се вложи значителна енергија за трансформација на компанијата кон нешто ново, поразлично и законски усогласено.

Др. Орде Ѓорѓиоски

Директор за правни и општи работи во Витаминка А.Д.

Prev Сподели
Анкета на Македонската Асоцијација на Корпоративни Правници 
јули 26, 2024