Работен состанок:„Предизвици при примена на Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи“

Во насока на унапредување на правната сигурност и доследна примена на Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи, Македонската асоцијација на корпоративни правници во соработка со Министерството за економија и труд на 09.06.2025 година, во просториите на Министерството одржа работен состанок на тема: „Предизвици при примена на Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи“.

На состанокот воведно обраќање од името на Асоцијацијата имаше Јана Стојкова Каневче, член на Управниот одбор на МАКП која ги презентираше досега евидентираните отворени прашања и дилеми на членките на Асоцијацијата. Покрај претставници од ресорното Министерство за економија и труд, на работната средба присутни беа и претставници на Канцеларијата на Претседателот на владата на Република С. Македонија, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Државниот пазарен инспекторат и др.

Покрај дискусијата за досегашните искуства на компаниите во врска со примената на Законот од моментот на неговото стапување во сила до денес, се разгледаа конкретни прашања, предизвици и дилеми со кои се соочуваат компаниите при неговата практична имплементација.

По елаборирање на отворените прашања и дискусија по истите, донесен е заклучок на сите прашање и дилеми да се подготват одговори и да се објават јавно со цел соодветно запознавање на сите чинители во процесот.

Македонската асоцијација на корпоративни правници останува активно вклучена во следење на имплементацијата на Законот, како и иницирање прашања поврзани со неговата доследна примена и унапредување.