Резиме на настан: “Користење на вештачка интелигенција за правна и деловна извонредност” – 20.09.2024 (ГАЛЕРИЈА)

Сè уште ги сумираме впечатоците од одличниот полудневен настан во петокот, на 20.09.2024 година, организиран од Македонската Асоцијација на Корпоративни Правници (МАКП) и Schoenherr Attorneys At Law, како продукт на нашата успешна соработка, на тема,“Користење на вештачка интелигенција за правна и деловна извонредност.”

Настанот ни овозможи да видиме и доживееме:

              1. Еден дефинитивно поинаков пристап кон дискусијата за вештачката интелигенција, со над 70 учесници, вклучувајќи адвокати, правници, стартапи и членови на бизнис заедницата, 4 исклучително интересни панели со повеќе од 10 панелисти кои дискутираа за различни аспекти на вештачката интелигенција во правото и бизнисот, како и Стефан Андоновски, Министерот на новото Министерство за дигитална трансформација во земјата, и Маркус М. Шмит, генерален менаџер на Европската Асоцијација на Компаниски Правници (ECLA) како спикери гости.

              2. Ексклузивно претставување на анализата на МАКП за користење на вештачката интелигенција и дигитални решенија од страна на корпоративните правници во Македонија и регионот, со претставници од сите водечки индустрии, што детално ја претстави Ана Заковска, член на УО на МАКП и координатор на работната група за Иновации, Дигитализација и ВИ при МАКП. Анализата откри дека, иако постои значителен напредок во дигитализацијата (60% од испитаниците користат дигитални решенија во својата работа), примената на вештачката интелигенција е сè уште во рана фаза. Високи 70% од испитаниците сè уште не ја користат ВИ. Од нив, скоро 50% како главен предизвик и бариера го посочуваат непознавањето на материјата, а значителни 30% го посочуваат ниското ниво на свест кај раководството во компаниите како главна причина зошто компаниите сè уште се на периферијата на имплементирање на ВИ решенија

              3. Директно воведување во практичната употреба на вештачката интелигенција за зголемување на ефикасноста кај професионалците од правниот и бизнис секторот, со живи примери на постоечки решенија што ги презентираа нашите членови Димитар Николовски, Блашка Павловскаи Мирослав Петров.

              4. Презентација на регионални и македонски стартапи кои нудат исклучително интересни решенија засновани на вештачка интелигенција во правната (локално законодавство) и областа на интелектуалната сопственост и заштита/мониторинг на брендови.

Голема благодарност до сите кои учествуваа во организацијата и поддршката на овој настан, а особено до нашите панелисти.

Погледнете ги фотографиите подолу.

Останете со нас за идните настани!